Кој е Никола?
Јас сум Никола Ангелковски, имам 24 години, доаѓам од Скопје и моментално работам како Associate Cloud Engineer во RLDatix. Голем фан сум на сите типови на спортски активности, а најчесто играм кошарка, фудбал и билијард. Моите моментални хобија се свирење на гитара и читање стручна литература за збогатување на техничкото знаење.
Од каде се роди желбата за DevOps?
Желбата да бидам DevOps инженер произлезе сосем случајно кога видов оглас за пракса за DevOps инженери, и како одминуваше времето и навлегував подлабоко во светот на DevOps, сфатив дека го имам направено вистинскиот избор и дека DevOps е тоа што сакам да го работам.
Вештини и практики што ги сметаш како корисни во DevOps а ги совлада на академијата?
Сметам дека една од клучните вештини кои треба да ги поседува еден DevOps инженер е ефикасната комуникација, затоа што имаме постојана комуникација со целиот тим, и треба да знаеме како да ги пренесеме правилните информации за да дојдеме до вистинското решение, и со тоа да ги задоволиме потребите на тимовите во кои работиме. Од практики, секогаш треба да обрнеме особено внимание на читливоста на кодот, ефикасното користење на ресурсите со кои работиме, како и одржување на безбедноста на највисоко ниво.
Работа со Terraform
Terraform е една од најкористените алатки за менаџирање на инфраструктурата како код (Infrastructure as Code – IaC) и со нејзино користење се крати процесот на рачно креирање и менаџирање на ресурсите, и дополнително нуди подобра прегледност врз сето тоа што ние го креираме, како и конфигурациите за истото.
Новите трендови во индустријата, што ти остава најголем впечаток од она што го гледаме?
Еден нов тренд кој е во подем во индустријата е искористувањето на можностите на вештачката интелигенција за поефикасно и побрзо работење. Иако е сеуште во раст и развој овој тренд, сепак сметам дека иднината ќе се заснова на уште поголема автоматизација на процесите, и со тоа поголемо олеснување на нашата работа, меѓутоа со поголеми предизвици во однос на мониторингот на безбедноста и стабилноста на таа автоматизација.
Порака до идните студенти
Не се плашете да поставувате прашања за сето она што ве интересира, секогаш барајте дополнителни ресурси за учење и вежбање и секогаш бидете отворени кон промени и новитети, затоа што DevOps светот секојдневно станува се подинамичен и поопширен, а со тоа се наметнува и барањето за постојано надоградување и надополнување на знаењето кај DevOps инженерите, како и потребата за агилно работење во брзорастечки средини.