fbpx
uspeshna prikazna - patricija gjorgieva - software testing

Јас сум Патриција Ѓоргиева моментално работам во А1 Македонија, како Специјалист за обезбедување на квалитет на услуги.

Пред запишувањето на академијата на СЕДЦ, дипломирав и магистрирав на факултетот за музичка уметност во Скопје, краток временски период работев како наставник по музичко образование, а потоа почнав да работам во телекомуникацискиот сектор и постепено се запознавав со технологијата.

Двете професии навидум се сосем различни, но сепак имаат заеднички точки, како анализа, критика и секако дигитализацијатa. Се надевам во иднина ќе имам можност да работам на проекти за тестирање на аудио софтвери, секако и на други иновативни и предизвикувачки проекти.

Желбата се појави при тестирање на софтвер, поточно работев на позиција како aгент за поддршка на деловни корисници, кога компанијата за првпат пласираше апликација која почнав да ја тестирам. Целиот процес на тестирање за мене беше предизвикувачки, динамичен и интересен, па почнав да размислувам дека можеби тоа е работата што ме исполнува, по започнувањето со академијата на СЕДЦ само го потврдив истото.

Разгледував програми и понуди од повеќе академии, но сите препораки и претходни исклучиво позитивни искуства на луѓето околу мене ме упатуваа кон СЕДЦ. Дека го направив вистинскиот избор, покажува мојот кариерен раст во последните неколку години.

Мојата работа покрај тестирање на софтверски функционалности, во голем дел вклучува и тестирање на голем број телекомуникациски услуги, пакети и технологии кои се интегрирани во различни реални системи. Пристапот кон тестирање првенствено зависи од тоа што ќе тестирам. Кога се работи за тестирање на функционалности кај еден софтвер, прво правам анализа на спецификациите и барањата, потоа план за тест случаите и имплементација на истите. Најчесто ги приоритизирам клучните функционалности без кои софтверот не би ја извршувал својата примарна функција. Се фокусирам и на детали, правам проверка за сите аспекти на апликацијата и секако да не заборавам дека во текот на целото тестирање, сите функционалности ги гледам од кориснички аспект, т.е дали крајниот корисник ќе може лесно и интуитивно да се води низ самата апликација или систем.

Поради конкуретноста на пазарот  се доставуваат ad hoc барања, па едно од најинтересните искуства е тестирањето на таквите барања кои се изненадување речиси до моментот на пуштање во употреба, тогаш за краток временски период се пишуваат сценаријата и се почнува со тестирање. Таквите тестови неможе да се автоматизираат и во тие ситуации е многу важна проценката и интуицијата на самиот тестер. Најчесто се случува кога го правам планот за тестирање, со извршување на првиот тест да  пријавам дефект-bug, па колегите често знаат да се пошегуваат дека не треба да почнувам јас 😊

Прилично интересни се и тестирањата на услуги за осигурување, безбедност при сурфање, надворешни платформи за телевизија, музички апликации и сл. При таквите тестирања се интегрираат повеќе системи и апликации, добиваме пристап до самите платформи и принципот на тестирање е секогаш нов и различен. Тогаш доаѓа до израз креативноста за пишување на тест случаи и способноста за предвидување на потенцијални проблеми од различен карактер.

Прецизна временска рамка неможам да определам, можам да кажам дека учам континуирано. Времето што го одвојувам зависи од обврските и целта која сакам да ја остварам, секојдневно посветувам значително време за учење на нови работи. Технологијата се менува многу бргу, доколку не си чекор напред тоа значи дека доцниш, а учењето има клучна улога за напредок.

Што се однесува до истражувањата, самата работа бара анализа и истражување. За се што се појавува како иновација, без разлика дали станува збор за нова технологија, алатка или нов принцип на работа, истражувам колку што сметам дека е потребно за да ми биде од помош при работењето, за стекнување на нови вештини или најчесто од чиста љубопитност 😊

Во улога на тренер сум од неодамна, одлично се снаоѓам со оглед на тоа дека моето претходно образование е темел токму на ваков вид на работа. Пренесувањето на знаење и самото тестирање се совршен спој на двете работи кои ми причинуваат задоволство кога ги работам. Посебно ме радува кога студентите не сакаат да пропуштат предавање и активно учествуваат во сите задачи. Се трудам да им бидам поддршка, да ги следам актуелните трендови и информации и да се прилагодам на секој студент индивидуално. Академијата има комплетна програма по која се одвиваат предавањата, а практикувам речиси се што сум научила како од академијата така и од колегите- тренери и асистенти од кои слушав предавања и соработувам со нив за време на моите предавања. Од голема помош е и моето досегашно искуство и искуствата и знаењето на моите колеги.

Ги охрабрувам да не чекаат, веднаш да аплицираат. Без оглед на нивното претходно образование и работно искуство, доколку се подготвени за учење и  континуиран развој со сигурност ќе успеат. Нема поинаков начин освен да се почне отпочеток и трпеливо да се стекнуваат нови знаења и практични вештини. Да истражуваат, да ги следат технолошките трендови, да си постават јасна цел и да бидат постојани се до нејзиното комплетно остварување.

Креирај ја и ти својата успешна приказна преку академијата за софтвер тестинг!

Уписите за новата група се во тек, започнуваме на 20 ноември!

Scroll to Top