Правиме Q&A сесија со Блашка Миева. Уметник и ментор par excellence.
Предава ликовни елементи и теорија на бои на академијата за графички дизајн.
Здраво Блашка. Сподели нешто за тебе во три долги црти 😄
Здраво, јас сум Блашка од Скопје, уметник по професија, уметник по хоби и уметник по избор. Дипломиран сликар мнооогу одамна, кој се труди да докаже дека уметноста и дизајнот се неделиви.
Ги сакам филмовите на Вес Андерсон, заради нивната необична естетика, еклектичен стил на визуелни форми и стилови, и екцентрични комбинации на бои. Слушам филмска музика многу често додека работам, сликам, дизајнирам, со музика која ме пренесува во некое друго утописко време. Музиката која ја слушам зависи од моето расположение, па така еден ден можам да слушам рап и хип хоп, следниот ден класична музика. Многу често кога работам на нешто, во зависност од темата, знам да пуштам и таква музика. Да речеме, работам со инспирација од јапонска култура, па така се слуша и јапонска традиционална музика. На овој начин полесно се поврзувам со целосната култура која ја пренесувам било во дизајнот, било во некоја друга визуелна реализација. Ги сакам асоцијациите за нештото, не е задолжително да прикажете цели визуелни приказни за да доловите емоција, мирис, вкус, сеќавање. Некогаш е доволно и само една, две бои да ве асоцира на некоја приказна.
Не сакам инстант неосмислени визуелни решенија, од авион се гледа нивната неинспиративност и нивната лоша визуелна хиерархија.
Oд каде љубовта кон дизајнот и што те мотивираше да станеш инструктор?
Како што напоменав и погоре, јас сум ликовен уметник по професија, дипломиран сликар, но низ годините дизајнот беше повеќе застапен, сеуште е, многу повеќе од ликовната уметност, и сите тие едукативни теории за формите, боите, дизајнот, ликовната хиерархија во дизајнот, сакав некаде да ги пренесам. Да докажам дека за еден успешен и квалитетен дизајн, потребно е знаење од повеќе области за визуелните уметности, основите на дизајнот, основите на ликовните елементи и принципи, теорија на бои, и сите останати правила за да се реализира технички успешен дизајн. Седц ми ја дадоа можноста да станам инструктор, и веќе седма година заедно со другите инструктори едуцираме студенти кои потоа прераснуваат во успешни дизајнери.
Од каде секојдневно учиш и се надградуваш?
Најмногу учам од грешките, со тоа и се надградувам. Секогаш се трудам одново да се обидувам и тогаш прогресот е неминовен.
Кои дизајнер, лого и бренд би ги издвоила како врвни?
Постојат многу дизајнери, брендови, логоа кои се врвни. За едно лого да биде врвно, дизајнерот треба да е со големо искуство во поглед на основите на дизајнот, и секако креативната нишка да е присутна. За еден бренд да биде врвен има повеќе услови, а најважна е пораката, приказната која брендот ја носи. Кога се има добра идеја, потоа таа идеја е добро разработена, концептот е солидно конципиран, тогаш реализацијата на дизајнот, логото, што и да е, е со сигурност и повеќе од успешен. Вообичаено немам идоли, немам омилени уметници или дизајнери, од таа причина што кога имаме омилени уметници или дизајнери, ни се врежуваат нивните форми, бои, концепти, и потсвесно создаваме слични дела.
Кој твој проект ти е од особено значење?
Сите😊! Малку неблагодарно звучи, но навистина на секој проект работам со исто внимание, со ист фокус, со иста макотрпна работа и со иста професионалност и дисциплина.
Но еве ако морам, тоа е еден од монументалните проекти, каде сум автор со уште тројца автори, тоа е мозаикот на фасадата на Природонаучен Музеј во Скопје, мозаик од 32 квадрати.
Предаваш ликовни елементи и теорија на бои. Како истите ги градат принципите на добриот дизајн?
Без тие основи добар дизајн не постои. Ликовноста на еден дизајн е она што го издвојува добриот и лошиот дизајн. Тоа е и мојот вовед за секој прв час со секоја нова генерација.
На какви реални проекти работат студентите на академијата и кој проект би го издвоила?
Студентите секоја година работат на проекти од сериозен карактер, односно со самото завршување на предметите, работат на дизајни кои понатаму би биле и сериозни дизајнерски решенија.
Какви кариерни и развојни патишта нуди графичкиот дизајн и каков совет имаш за оние кои сакаат да го изучуваат?
Со сето срце препорачувам на сите оние кои се мислат дали графичкиот дизајн е она вистинското за нив, да не се мислат. Кога веќе се размислува, тоа подразбира и дека е тоа она што го сакате. Низ годините видов многу студенти кои си го најдоа вистинскиот пат за нив, токму со тоа што изучуваа графички дизајн.
Кога нешто се сака, кога се работи со огромна посветеност, можностите сами ќе се создадат. Единствената пречка за успех и добри можности сме си самите ние.
Академијата за графички дизајн е правиот избор доколку сте креативци во хороскоп, имате вивидни соништа кои сакате да ги препишете на хартија или ви се допаѓа личност која лесно се заљубува во уметници.
Дознајте повеќе за програмата и реалните проекти кои се работат на Академијата за графички дизајн или закажете инфо разговор во СЕДЦ.