Живееме во време каде што ИТ индустријата управува со светот. Оваа индустрија е во брз раст и развој, а со тоа неопходен чекор е децата да се запознаат и правилно да ги користат современите дигитални уреди. IThink Академијата е создадена со цел и намена да им овозможи на најмладите осознавање на дигитализацијата, во насока на правилно изучување на сите алатки и програми соодветни за нивната возраст.
Што значи во суштина да сте програмски координатор ?
Јас сум Христина Пецева и 5 години сум дел од тимот на СЕДЦ, оваа година за прв пат сум и координатор на детската академија што ми претставува големо задоволство. Да си координатор на една ваква академија претставува голема одговорност поради тоа што јас сум врската помеѓу децата, родителите и тренерите.
Со што се се соочуваат децата во Basic нивото од Академијата?
Со завршување на Basic нивото, децата се стекнуваат со основно познавање на ИТ индустријата, односно ги поставуваат темелите за понатамошната работа и учење, исто така во текот на годината се одвиваат многу вежби, работа на часови, како и стекнување знаење од 5 различни модули колку што всушност го сочинуваат и самото ниво.
Дали по завршување на Basic нивото и децата и родителите се задоволни и продолжуваат во следните нивоа?
По завршување на основното ниво, најголем број од децата наредната година автоматски се запишуваат во напредното ниво односно Advanced нивото. Процентот на деца што продолжуваат е над 90% и тоа е секако резултат на задоволни родители.
Оваа година децата изработија веб страна за САНО што е навистина импресивно, дали веќе има некоја идеја за следната година ?
Да, оваа година децата од Advanced нивото како краен продукт ја изработија страната за Сано, секако и следнава година ќе се фокусираме да најдеме невладини организации со општествена одговорност. Целта е децата од двете групи на Advanced нивото да ги изработат нивните веб страни.
Што претставува IThink за вас како координатор ?
IThink академијата претставува воведна академија во областа на ИТ технологијата, наменета за деца кои што сакаат да се запознаат и да чекорат низ ИТ светот. Истата трае цела школска година односно 9 месеци со почеток во септември и крај во јуни.
Бидејќи сите родители се во трка со времето за нивното дете да оди на спорт или странски јазик, дали според вас и ова е исто толку важно како и останатите активности ако децата покажат интерес за Академијата ?
Секако дека секој родител одлучува на каква активност ќе го запише детето и сметам дека е од голема важност децата да одат на спорт поради нивниот физички развој, меѓутоа живееме во време каде што социјалните мрежи и ИТ индустријата управува со светот така што ваквите форми (ИТ академии, обуки, работилници) за децата се од подеднаква голема важност, секако доколку покажат дека имаат интерес за оваа област.
Порака до родителите
Мојата порака до родителите би била да ги следат интересите на децата и да им овозможат да го прават, следат, учат она што тие сакаат, а не тоа што родителите сметаат дека е правилно или добро. Најчесто наметнатите активности кај децата создаваат аверзија и одбивност.