Даниела Николовска е наш студент која успешно ја заврши својата Академија за Гејм Дизајн, па затоа решивме да поразговараме за стекнатото знаење и предизвиците со кои се соочила следејќи ја Академијата. Според неа, можноста да се биде дел од оваа група студенти и да се изучува оваа материја е доста интересно, па во продолжение можете да го погледнете целото интервју.
Претстави се себе и академијата која ја/си ја посетувал.
Јас сум Даниела Николовска, имам 21 година и сум личност која непрекинато пробува да ги спои своите вештини за решавање на логички проблеми заедно со креативната страна и токму поради тоа ја одбрав академијата за Game production and Design во Qinshift Academy, каде што се стремев да научам повеќе за 3Д уметноста и game development.
Дали академијата ги исполни твоите очекувања и си задоволна од ова искуство?
Во академијата го изучувавме целиот процес на креирање игри, од идеја, скици и документи до 3Д модели, анимации и имплементација. Академијата дефинитивно ги исполни моите очекувања со оглед на тоа што се стекнав со многу вештини и општо знаење за индустријата за игри, и иако наставата беше целосно онлајн поради пандемијата, имавме добра соработка и комуникација со останатите студенти и со тренерите.
Кој модул од академијата ти беше најпредизвикувачки за совладување?
Дефинитивно 3Д анимацијата, тоа е нешто што бара многу трпение, време и истражување и секогаш изгледа дека може да се направи подобро. Самиот процес е предизвикувачки, но резултатот те потсетува зошто е вложен сиот тој труд.
Каде се гледаш себеси во иднина и дали се гледаш како успешен гејм дизајнер ?
Бидејќи паралелно со академијата се запишав и студирам софтверско инженерство на ФИНКИ, УКИМ, мојата цел е да ги спојам вештините и да се насочам кон Game Development, што сметам дека за мене е вистинскиот правец, a aкадемијата за гејм дизајн ми помогна подобро да се пронајдам.
Која е твојата порака до идните студенти?
Предизвикувајте се и учете нови работи, само така вистински ќе се пронајдете.